Пендаровски: Сосема е небитно кој ќе биде формален победник, важно е сите да си подадат рака

by fokus

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски своето право на глас денеска го оствари на избирачкото место 2489 во месната заедница Автокоманда. 

-Очекувам како што и доликува на една европска демократска држава сите учесници во изборниот процес вечер по завршувањето на гласањето да си подадат рака и да си честитаат еден на друг, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Тој особено го истакна фактот што изборите до овој момент се одвиваат мирно и со максимално почитување на здравствените протоколи за заштита на сите учесници во изборниот процес со оглед дека ова се специфични избори кои се одржуваат во време на пандемија на коронавирусот.

-Според достапните информации од првата половина од изборниот ден гледаме дека се се одвива во рамките на законските прописи и во една демократска, мирна и толерантна атмосфера. Она што е значајно и што е специфика на овие избори, а според мене би требало да остане до крајот на изборниот ден така, е дека досега изборите се одвиваат со максимално почитување на здравствените протоколи бидејќи исклучително е битно секој што сака да го реализира своето гласачко право денеска секој граѓанин да биде максимално заштитен. Се разбира, зборувам и за луѓето околу 30.000 – 35.000 кои се ангажирани како членови на гласачките одбори, рече шефот на државата.

Изборите рече тој, мора да се спроведат фер, транспаренто и во демократската атмосфера.

-Денеска мора да биде транспарентно, фер и демократско гласање и притоа сите што се учесници во изборниот процес мораат да бидат заштитени бидејќи ние сме една од првите пет-шест држави во светот која организира избори во време на корона. Јас се надевам дека така ќе остане како што е и досега во текот на изборниот ден се до прогласувањето на резултатите. Сосема е небитно тоа кој ќе биде формален победник вечерва. Очекувам како што и доликува на една европска демократска држава сите учесници во изборниот процес вечер да си подадат рака и да си честитаат еден на друг, рече претседателот Пендаровски кој заедно со семејството го оствари гласачкото право на избирачкото место 2489 во месна заедница во Автокоманда во Општина Гази Баба.

Поврзани новости