Немаме друга опција во овој период освен да издржиме! Ве молам, не паѓајте со духот, сите заедно, ќе издржиме!, порачува претседателот Стево Пендаровски преку видео порака.
-Додека целиот свет е во потрага по вакцина и лек, самоизолацијата е најдобрата превентива против вирусот. Знам дека ви е тешко, но, мораме да ги сочуваме нашите животи, и да им помогнеме на немоќните и повозрасните.
Во изминативе 20 години земјава се соочи со многу предизвици, но сега за првпат е воведена и полициски час на целата територија во обид да се спречи ширењето на смртоносната болест, вели Пендаровски.
Претседателот им оддава признание на докторите и сестрите, војниците, полицајците и волонтерите кои секојдневно се на работа, како и на вработените во трговијата, транспортот, услужните дејности кои даваат огромен придонес во одржувањето на стабилноста на системот со тоа што и покрај критичната состојба остануваат на своите работни места. Ги повикува граѓаните својот придонес да го дадат со тоа што ќе останат дома.