Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски синоќа, преку видео врска, се обрати на завршниот настан на овогодинешниот „Generation Unlimited – Младински Предизвик”, односно на презентацијата на решенијата на петте тимови финалисти.
Осврнувајќи се на темата на иницијативата „Како може дигиталната технологија да влијае за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот“, претседателот Пендаровски, како што информираат од неговиот Кабинет, посочи дека младите не се доволно застапени во овој сегмент во нашата земја, односно дека најчесто се очекува иновативните решенија да доаѓаат од повозрасните граѓани.
– Ова е вистинскиот пат по кој треба да одиме и кога ќе заврши кризава да не ги заборавиме дигиталните алатки коишто ни помагаат и допрва ќе ни помагаат на сите нам, на сите категории на лица, а посебно на лицата со попреченост. Треба да ги користиме сите алатки и уште повеќе на овие луѓе да им го олесниме пристапот до образованието, но и до сите други институции. На пример, пред да започне пандемијата, незамисливо беше наставата да се одвива онлајн, истакна шефот на државата.
Потенцирајќи дека секое понудено иновативно решение е многукратно повредно ако може практично да се примени и конкретно да им помогне на лицата со пречки во нивното секојдневие, претседателот Пендаровски рече дека младите коишто го прифатиле предизвикот Generation Unlimited и чии решенија имаат апликативна вредност, многу побргу фаќаат чекор во споредба со постарата генерација.
– Државните институции мораат да ги препознаваат побрзо и подобро, напорите на младата генерација во овој дел на креативни решенија. И да им даваат простор, да им даваат ресурси, да им помогнат конкретно да ги развијат нивните идеи до крај. Но треба и да се поврзат државните институции, приватниот сектор, граѓанските организации и да постои една синергија со една единствена цел – да обезбедиме услови за остварување на младите креативци, иноватори и за многу кратко време да видиме примена на нивните пронајдоци, рече Пендаровски.