По повод чествувањето на државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката под покровителство на претседателот Стево Пендаровски се предвидени повеќе активности, а централната манифестација ќе се одржи на платото во Кабинетот на шефот на државата.
-Со почеток во 09:00 часот, на платото во Кабинетот на претседателот ќе се одржи централна манифестација, на која ќе се обрати претседателот Пендаровски и ќе бидат доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст. Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно ќе биде одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество, велат од Кабинетот на Пендаровски.
Со Орден за воени заслуги, постхумно ќе биде одликувана Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.
-Со Медал за храброст ќе бидат одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева. Осуммината се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба, што се согледува низ нивните карактеристики, а и низ карактеристиките на голем број генерации борци, кои не ги штедеа своите животи за слободата, втемелувајќи ги основните насоки за градење на државата, соопштуваат од Кабинетот на претседателот.