Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави, кој е во дводневна посета на нашата земја.
„На денешната средба со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на САД, разговаравме за македонските аспирации за членство во Европската Унија и за следните чекори коишто треба да ги преземеме како држава, за да напредуваме во процесот. За остварување на нашите стратешки цели, посебно ја цениме поддршката од САД“, напиша Пендаровски во објава на социјалните мрежи.
На средбата беше потврдена поддршката на САД за европските аспирации на нашата земја. Истовремено, беше изразено очекување од официјален Вашингтон дека Северна Македонија ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Од Кабинетот на Претседателот велат дека тој ја истакнал важноста на поддршката којашто САД ја даваат за остварување на стратешките цели на нашата држава.
„Во таа насока, на средбата се разговараше за следните чекори коишто треба да ги преземе Северна Македонија со цел да напредува во ЕУ интегративниот процес.На средбата стана збор и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.