Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, архиепископ охридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и сите православни верници, и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.
Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден со пораката: Христос Воскресна! Христовото воскресение нѐ ослободува од стравот од смртта, но и нѐ обврзува, наместо пасивни набљудувачи, да бидеме активни учесници во обновата.
А тоа ќе го правиме со секој чин на солидарност кон ранливите и грижа за природата, со заложбите за слобода, правда и мир, со борбата за социјална правда и за достоинствен живот на нашите сограѓани, се вели во честитката од претседателот Пендаровски.
Враќајќи ни ја надежта во општото добро, овој празник, се додава, нѐ потсетува дека сме си потребни едни на други и дека сме одговорни едни за други.
-Следејќи го Христовиот пример, да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество во кое ќе има место за секого бидејќи, секој човек, независно од етничката, верската, јазичната, социјалната, политичката или која било друга припадност – е наш ближен.
Христос воскресна! Навистина воскресна!, стои во честитката од претседателот Стево Пендаровски по повод најголемиот христијански празник – Велигден.