Пендаровски: Силјановска е личен избор за кандидат на Никола Груевски

by fokus

Кандидатот на СДСМ и коалицијата за претседател, Стево Пендаровски, од вчерашната трибина во Штип изнесе ново тврдење дека осудениот екс премиер, Никола Груевски, ја избрал неговата противкандидатка, Гордана Силјановска, да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече тој тие што гласаат за Силјановска мораат да знаат дека политиките на Груевски и на Ѓорге Иванов ќе продолжат и понатаму доколку таа победи.

-Гласот за Силјановска и за ВМРО-ДПМНЕ го враќа Груевски, не груевизмот, туку физички го враќа Груевски во Македонија и од тука ќе почне да ни ја диктира политиката и да одлучува какви ќе бидат нашите животи. Да немате дилема, ако опозицијата добие, Груевски буквално ќе го вратат од Будимпешта, така што нема од таму да ни дава совети како да се води Македонија, од овде ќе го прави тоа. Тие тоа не го ни кријат затоа што Силјановска е личен избор за кандидат на Никола Груевски и кога гласате мора да знаете дека политиките на Груевски и Иванов ќе продолжат и понатаму – рече Пендаровски.

Тој им испрати порака и на оние кои не излегоа во првиот круг разочарани од работата на Владата.

-Во 2016 бев еден од носителите во прва изборна единица. Ако ме прашате ветувавме многу работи во разни области,. Ако ме прашате денес дали се што сме ветиле е исполнето, не е, не е исполнето се. Но знаеме зошто, затоа што ги решававме овие проблеми, го затворивме Рамковниот договор, направивме историски договор со Грција – додаде тој.

Поврзани новости