Многу е важно следниот претседател на Северна Македонија да ги добие гласовите на Албанците затоа што нашата држава е мултиетничка и мултирелигиозна, затоа рамнотежата и односите меѓу двата народи и двете религии е клуч за нејзината стабилност, вели консензуалниот кандидат за претседател на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски.
Во интервју за хрватски „Jutarnji list“ тој се потсетува на последните претседателски избори, на кои беше поразен од Ѓорге Иванов. Пендаровски тврди дека де факто го победил Иванов, но дека тогашниот режим на Никола Груевски со притисок врз гласачите го променил исходот на изборите.
-Таа година автократскиот режим го доживеа врвот. Јас освоив околу 400.000 гласови, што е политички капитал, кој сега во демократски услови може само да се зголеми. Исходот на изборите од 2014 година беше резултат на бруталниот пртисок на власта врз гласачите. Сите вработени во државната администрација беа присилени да го дадат својот глас за владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која ги држеше сите медиумите под апсолутна контрола. На кратко целиот државен апарат со своите ресурси работеше за Иванов. Денеска ситуацијата во државата е поинаква и сите кандидати, а ќе не има тројца, ќе имаат еднаков пристап кон медиумите и еднакви услови за изборна кампања – вели Пендаровски.
Во врска со гласовите на етничките Албанци, тој вели дека тие ја препознаваат балансираната меѓуетничка политика на СДСМ.
Пендаровски ги коментира и преговорите меѓу Србија и Косово, како и идејата за размена на територии.
-Јас сум еден од ретките политичари од Западен Балкан, кој јавно зборува против таа идеја, која е најлошо нешто што сум слушнал последните десетина години. Во случај Србија и Косово навистина да разменат територии, Северна Македонија и БиХ ќе бидат колатерална жртва. Ние во 2001 година потпишавме договор за мир со Албанците, а претходно за време на преговорите во Охрид беше одбиен предлог за територијално разграничување внатре во Македонија. Тоа беше возможно само затоа што за време на распадот на Југославија и создавањето на новите држави се почитувало правилото некогашните граници да останат државни граници. Ако сега наместо тој принцип се воведе принцип на етничка дистрибуција на народот, тогаш Албанците од Северна Македонија, а многу веројано и Србите во БиХ ќе побараат корекција на границите во тие држави – вели Пендаровски.
Прашан за споменикот на Александар Македонски на скопскиот плоштад, тој вели:
-Не само тој споменик, туку и сите други споменици на главниот поштад треба да бидат отстранети. Меѓутоа, тоа нема да се случи затоа што според спроведените анализи цената на отстранувањето би било преголема за сиромашна држава како што е нашата – додава тој.