До претседателот на, Стево Пендаровски, пристигнала иницијатива од неколку политички партии за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик, а во насока на создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи и намалување на бројот на изборни единици. Од кабинетот на Пендаровски велат дека претседателот ја поддржал оваа иницијатива.
„Претседателот Пендаровски ги повикува политичките партии, и од власта и од опозицијата, да ја разгледаат можноста за реформа на изборниот модел преку измена на Изборниот законик и со политички консензус да се постигне договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде граѓаните ќе имаат можност да избираат не само политички партии, туку и поединечни кандидати. Поаѓајќи од неговите заложби во изборната програма, претседателот Пендаровски смета дека во Република Северна Македонија треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието на Република Северна Македонија“, соопштија од кабинетот.
Од таму додаваат дека претседателот Пендаровски смета дека демократскиот развој, еднаквоста, владеењето на правото и правото на фер и слободни избори се важен фактор за просперитетот на Република Северна Македонија.