Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, денеска го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија и положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ.
Во манастирот „Св. Прохор Пчински“ претседателот Пендаровски беше пречекан од страна на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, по што двајцата претседатели, во придружба на Епископот врањски г. Пахомије, го разгледаа манастирскиот комплекс.
Претседателот Пендаровски и претседателот Вучиќ остварија билатерална средба на која беа потврдени традиционално пријателските односи меѓу двете земји. Во духот на добрососедството, беше изразен интерес за натамошно продлабочување на севкупната соработка, трговската размена и меѓусебното разбирање
Во изјава за медиумите претседателот Пендаровски изрази благодарност за можноста нашата земја да го прослави Илинден, токму каде што е формирана современата македонска држава.
,,Кога на територијата на друга држава ве пречекува претседателот на таа држава, претседателот на Република Србија, за чин кој е од најголема важност за вас и за Вашата држава, само благодарност за претседателот Вучиќ. Ова да биде една добра традиција, која нема да се прекинува од политички, црковни или кои било други причини. Се надевам дека и следната година повторно ќе се гледаме на ова исто место, да оддадеме почит на нашите најголеми национални великани”, рече претседателот Пендаровски.