Ако преговарачкиот процесот стане само уште една балканска бескрајна приказна, атрактивноста на Европската унија ќе достигне историски најниско ниво, истакна денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на свечената церемонија по повод почетокот на новата академска година на Колеџот на Европа во кампусот Натолин во Варшава, во рамки на официјалната посета на Република Полска.
Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, истакна дека е почестен што говори на отворањето на академската година, на 30-годишнината од основањето на колеџот, што е признат за неговиот вреден придонес за интеграцијата на Централна и на Источна Европа во Европската Унија.
Во своето обраќање, тој рече дека перспективата за членство во Европската Унија е прашање за кое постои широк социјален и политички консензус во регионот, истакнувајќи дека со прогласувањето на независноста во 1991 година, во нашата држава веќе беше постигнат национален консензус за европската иднина.
Пендаровски ја истакна важната улога на Полска како долгогодишен поддржувач на нашите европски интеграции и оцени дека зачестените контакти на највисоко ниво говорат за пријателството и партнерството меѓу двете држави.