Пендаровски: Постоењето македонско малцинство во Бугарија е факт

by Fokus

Претседателот Стево Пендаровски смета дека е потребна конструктивност во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија и во напорите за решавање на отворените прашања, а постоењето на македонцското малцинство во соседната држава е факт, кој е потврден и од Стразбур.

На прашање да даде коментар на вчерашното соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи, во кое меѓудругото има забелешка за „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“, од Кабинетот на Пендаровски одговорија дека ставот на претседателот и претходно и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања.

– Во врска со соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, ве информираме дека ставот на претседателот Пендаровски и во минатото и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања, со оглед на тоа дека и нашата држава претендира да биде дел од Европската Унија каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателот.

Во врска со коментарите за македонското малцинство во Бугарија, од Кабинетот посочуваат дека тоа е факт, кој е признат и од Стразбур.

-Во однос на коментарите кои се однесуваат за постоење на македонско малцинство во Бугарија, се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур, се наведува во одговорот.

Бугарското МНР вчера соопшти дека на состанок бил повикан вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Софија поради, како што се наведува, „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“.

Во соопштението не е прецизирано на кои политичари и за кои тврдења се однeсува реакцијата, но се нагласува дека Софија „категорично се противи на обидот Бугарија и билатерални односи да се вклучуваат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања“.

Поврзани новости