Претседателот Стево Пендаровски не поддржува референдум со кој, како што вели, би се поништил Договорот за добрососедство со Бугарија, оти тоа, според него, би ја запрело европската интеграција на земјава.
-Ова не е мој ад хок став, тоа е втемелено на аргументи и на процес на размислување до што може да доведе ако тој референдум биде успешен. Ако вие го оспорувате или се обидувате да го оспорите преку референдум билатералниот Договор со Бугарија и европските интеграции и преговори, тоа е исто како некој да ви каже дека можете на референдум да го оспорите или поништите Договорот со Грција – Преспа и да останете членка на НАТО, не е можно. Значи, да немаме илузии, билатералните договори со соседите и добрососедските односи како што ги именуваат во ЕУ се еден од клучните предуслови, секогаш и биле, за интеграција на која било држава не само од овој регион, туку на целиот посткомунистички свет по 1990 година – изјави Пендаровски.
Во врска со тоа дали би иницирал средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, чија партија покрена постапка за распишување референдум, тој истакна како претседател иницирал средби и разговори со сите политички чинители.