Пендаровски: Поминавме година со загуби какви што не паметиме

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски, по повод новогодишните празници, упати честитка до граѓаните на Република Северна Македонија со желба за спокојни празнични денови и многу здравје во Новата 2022 година.

-Испраќаме уште една година што ја поминавме со пандемијата која одзеде многу животи. Година во која во две големи несреќи загубивме многу наши сограѓани, загуби какви што одамна не паметиме. Пожртвуваноста, солидарноста и одговорноста на здравствените работници, спасувачките служби, волонтерите и другите луѓе со добра волја кои ги премостуваа етничките, верските, политичките, социјалните разлики за да им помогнат на оние на кои им беше потребно, се нашите херои за оваа година, наведува Пендаровски во честитката.

Во новата 2022 тој порачува да се посветиме на изградба на попросперитетно општетство.

-Дочекувајќи ја новата 2022 година, да се свртиме кон надежта и вербата кои ќе ни помогнат да изградиме просперитетно општество во кое сите ќе бидеме еднакви пред законот. Општество кое ќе се грижи за послабите, ќе ги вреднува и наградува доблесните, во кое младите ќе сакаат да останат и да се остварат во својата држава. Ви посакувам спокојни празнични денови со вашите семејства и пријатели и новата 2022 година да ни донесе многу здравје. Среќна нова година!, стои во честитката на претседателот Стево Пендаровски.

Поврзани новости