Пендаровски положи заклетва: Функцијата ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите

by Фокус

Изјавувам дека функцијата претседател на РСМ ќе ја вршам совесно и одговорно. Ќе ги почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на РСМ. Ова го изјави новиот македонски претседател Стево Пендаровски, кој денеска ја презеде функцијата откако положи заклетва во парламентот.

Инаку, Пендаровски е петти шеф на државата после Глигоов, Трајковски, Црвенковски и Иванов. Тој е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политички правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Во изминатите 11 години, тој бил професор на Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика.

Во периодот 1998-2001 година бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на Министерството. Од 2001 до 2004 година, пак, е советник за национална безбедност на Трајковски. Од 2004 до 2005 година е претседател на Државната изборна комисија, а од 2005 до 2009 година е советник за надворешна политика на Црвенковски.

На парламентарните избори во 2016 година, тој беше избран за републички пратеник, но не се задржа долго на оваа позиција, бидејќи во 2017 година беше назначен за национален координатор за НАТО, а на изминативе избори беше избран за шеф на државата.

По повод неговата инаугурација, во Собранието присуствуваат Иванов, Црвенковски, сопругата на Трајковски – Вилма Трајковска, министрите во Владата, началникот на ГШ на АРМ, гувернерката на Народна банка, поглаварите на верските заедници,  претставници на судскста власт, на МАНУ, како и бугарскиот, српскиот, албанскиот и косовскиот претседател Радев, Вучиќ, Мета и Тачи, како и други гости.

Поврзани новости