Во односите меѓу Македонија и Европската унија, постои нов политички реализам а тоа е дека ние сме само-блокирани како држава на европскиот пат.
-Кој е новиот реализам? Ние за жал сме блокирани и знаеме заради што, главната опозициска партија вели во ниедна варијанта не гласаме за тоа под бугарски диктат и така натаму. Ако е тоа новиот реализам, значи дека ние сме самоблокирани. Дајте да искористиме што повеќе од овој амбициозно најавуван План за раст на Западен Балкан во кој има далеку повеќе фондови на располагање, сè додека на опозицијата не ѝ текне дека без промена на Уставот нема членство во ЕУ и сè додека не се случи тоа да искористиме барем повеќе од тие фондови кои се наменети за оние кои се самоблокирани како нас. Ние можеме во рамки на кампањата да зборуваме за бугарски диктати и чуда, дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тоа е само политичка мантра за замајување на народот додека на дојдеш на власт. После тоа ќе се соочиш со барањата на потенцијалниот албанскиот фактор кој ќе ти каже уставни измени за три, за шест месеци, па ќе одиш во Брисел и таму ќе ти кажат дека нема промена на преговарачката рамка, порача Пендаровски, вечерва на „Топ тема“.
Во однос на ставот на ВМРО-ДПМНЕ за измените на Уставот, Пендаровски вели дека тоа се прави само поради собирање на политички поени, а заради тоа свесно го блокира процесот на интеграција.
-Завчера имаше интервју на човек од германската ЦДУ, сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ кој дошол овде да им помогне и им вели овој е патот. Јас сакам да им кажам: Оставете ја кампањата, јасно ми е зошто го правите ова, бидејќи на тоа прашање добивате политички поени, на друго не добивате. Но сега, дајте соочете се со овој нов политички реализам. Срамота е ако Украина, Молдавија и Грузија и Босна и Херцеговина стануваат кандидатки ние тамам кога направивме некој напредок, сега да се враќаме назад заради вашиот став дека само како Бугари ќе влеземе во ЕУ, што е апсолутна небулоза. ВМРО-ДПМНЕ има и друга теза вели дајте ќе го промениме Уставот денес ама, промените ќе важат кога ќе станеме членки. Дали тоа може да се направи? Кој од европските фактори ви ветува дека такво нешто е можно?, додаде тој.