Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на третиот Национален форум на граѓански организации, посочувајќи дека веќе подолго време македонското општество е високо поларизирано по речиси секоја основа – меѓуетничка, внатреетничка, политичка, идеолошка и економска.
-Се почесто се фокусираме на она што не раздвојува, а притоа како да го занемаруваме она што не поврзува и што не држи заедно. Политичката дебата се сведе на деградирање на политичкиот противник. Дури и при вработувањето се почесто слушаме дека предност се дава на партиска или етничка припадност на кандидатите, наместо на нивниот карактер, образование и вештини. Ова дополнително го забрзува одливот на млади, висококвалификувани луѓе – рече Пендаровски.
Според него, за деполаризација на македонското општество треба да се фокусираме на неколку клучни прашања како владеење на правото, поголема политичка одговорност и деполитизација на општеството.
-Ние и натаму имаме култура на неказнивост на високи функционери и за тоа не треба да бараме вина само во судството или во судиите. Не треба да го тргаме фокусот и од нас, политичарите – посочи претседателот Пендаровски.