Пендаровски: Пандемијата со ковид 19 има и етичка и безбедносна димензија

by Фокус

Сериозниот здравствен предизвик со Ковид 19 има своја етичка, економска, социјална, социолошка и безбедносна димензија, рече претседателот Стево Пендаровски во Струга пред присутните на меѓународната научна конференција организирана по повод јубилејот на Филозофскиот факултет.

-Во услови на пандемија се наметнуваат прашањата за животот и смртта, за страдањето и природното зло, за ефектите врз општеството и семејството, за квалитетот на образованието, за социјализацијата на младите, за грижата за ранливите. Карактерот и опфатот на оваа пандемија нужно бара интердисциплинарен пристап, а Филозофскиот факултет и неговите институти можат да дадат свој научен придонес кон изнаоѓање на оддржливи решенија – рече Пендаровски.

Според него, Филозофскиот факултет е чуварот на традицијата, што преку историјата, класичните студии, историјата на уметноста и археологијата, се значајни за трансферот на значаен дел од културниот и историскиот идентитет на сегашните и идните генерации.

-Преку филозофијата, педагогијата, социологијата и психологијата, факултетот учествува и во создавањето на одговорни и партиципативни академски граѓани. Во текот на овие 100 години илјадници студенти имаа можност да се запознаат со широк спектар на идеи и концепти, да учествуваат во дебати за важни општествени теми, вклучително и за соживотот во мултиетнички и мултирелигиски контекст. Во аулите на Филозофскиот факултет секоја генерација одново ги започнува фундаменталните расправи за човекот, неговото творештво и неговите замисли за животот во заедница со другите – истакна Пендаровски.

 

Поврзани новости