Сите македонски војници кои беа дел од мисијата во Авганистан во изминатите 20 години ќе добијат орден за воени заслуги, најави шефот на државата и врховен командант на денешното одбележување на годишнината на Армијата.
-Брзиот пад на оваа земја и враќањето на Талибанците на власт го потврди значењето што го имаа меѓународните мисии во кои земјава, со повеќе од 3.300 војници, партиципираше во изминатите две децении. Првата ротација во Авганистан ја почна како држава-кандидат, а последната ја заврши како членка на НАТО. Кога денес ја сумираме оваа мисија, јасно е дека без учество во мисијата во Авганистан немаше да станеме членки на НАТО алијансата – рече Пендаровски.
Тој додаде дека ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека, како што рече, нашите војници заедно со 130 илјади мировници од 50 држави од светот беа таму.
-Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија – рече Пендаровски.