Пендаровски од Шведска oчекува поддршка за евроинтеграцијата на Македонија

by Fokus

Засилена поддршка од Шведска во процесот на евроинтеграции на Македонија, се очекувањата на претседателот Стево Пендаровски кој се наоѓа во работна посета на Кралството Шведска.

Тој денеска се сретнал со претседателот на тамошниот парламент, Андреас Норлен, и со членовите на комисијата за надворешни работи и на групата за пријателство на тамошниот со нашиот парламент.

-Соговорниците разговараа за процесот на проширување на Европската Унија и за актуелните случувања во евроинтегративниот процес, како и за соработката меѓу двата парламенти. Претседателот Пендаровски, изразувајќи благодарност за принципиелната поддршка на Шведска, истакна дека нашата држава ќе продолжи да работи на домашната реформска агенда. Истовремено, претседателот Пендаровски изрази очекување дека во претстојниот период ќе се засилува политичката поддршка од Шведска. Во оваа насока претседателот Пендаровски потенцираше дека застојот во проширувањето на Европската Унија ќе се одрази врз стабилноста и ќе има долгорочни негативни последици врз развојот и просперитетот на регионот, соопштија од кабинетот на Пендаровски по средбата.

Тие разговарале и за односите помеѓу Северна Македонија и Шведска, кои ги оцениле како динамични и пријателски.

Претходно, шефот на државата се сретна и со шведската министерка за надворешни работи, Анн Линде, пред која исто така ги кажал очекувањата за натамошна поддршка за почеток на преговорите со ЕУ.

-Претседателот Пендаровски изрази очекување дека ќе продолжи политиката на проширување на Европската Унија кон Западен Балкан, истакнувајќи дека случајот на Северна Македонија е тест за кредибилноста на процесот. Во тој контекст, претседателот Пендаровски истакна дека очекува Шведска да вложи натамошни напори за задржување на прашањето на проширувањето на агендата на Унијата, како и да го поддржи ставот дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за интегративниот процес, велат од кабинетот на претседателот.

Во текот на вчерашниот ден, пак, Пендаровски се сретна и со шведскиот премиер, Стефан Лофвен, по којашто средба, исто така, соопштија дека ги изразил очекувањата за поддршка од Шведска.

-Двајцата соговорници на средбата разговараа за актуелниот контекст во однос на очекуваниот почеток на преговорите за членство на нашата земја во Европската Унија. Изразувајќи благодарност за континуираната и конзистентна поддршка од Шведска за нашата европска интеграција, претседателот Пендаровски ја истакна посветеноста на државата кон реформскиот процес, особено во сферата на владеењето на правото и го повтори ставот дека натамошното одложување на процесот на проширување ќе има долгорочни негативни последици за развојот и стабилноста на регионот. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази очекување за продолжување на шведската поддршка за нашиот евроинтегративен пат, пишуваше во вчерашното соопштение од кабинетот на Пендаровски.

Поврзани новости