Македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервјуто што го даде за една од водечките ТВ станици во регионот, белградската ТВ Н1, изјави дека очекува Северна Македонија да добие датум за членство во ЕУ до крајот на месецот, додека членството во НАТО е скоро сигурно.
-Сметам дека условите се доста зрели за да добиеме датум за преговори и барем да го отстраниме ова прашање од агендата. Како и да е, во однос на вториот пакет прашања предизвикани од настаните во Брисел минатата година, тука се појавија некои политички проблеми, пред се, заради минатогодишната политичката одлука на Брисел. Затоа, владејачката структура, владејачката коалиција реши да распише нови предвремени парламентарни избори за да го провери својот политички легитимитет – затоа што таа политичка структура, а јас сум дел од неа – не сум член на ниту една политичка партија, но сум дел од таа политичка структура, повеќе од десет години – постојано зборуваше за идејата за членство во ЕУ и НАТО. И сега, кога наидовте на ѕид за едниот од тие стратешки приоритети, а не по своја вина, логично е да побарате преиспитување на политичката легитимност. И тоа беше главната мотивација за предвремените избори, објасни Пендаровски.
Кој и да победи на следните парламентарни избори во април, според негова оценка, ќе треба да се осврне на три најважни прашања: интеграција на Северна Македонија во НАТО, која е „скоро сигурна“ за Пендаровски, потоа завршување на преговорите со ЕУ и меѓуетничка кохезија меѓу двете најголеми заедница, но и меѓу другите.
-Сепак, пред сè меѓу Македонците и Албанците на едно завидно ниво – да постои една нормална политичка и човечка комуникација за да можеме да ја одржиме внатрешната стабилност. Кој и да победи на следните парламентарни избори, тоа е како „ Оче наш“. Мора да пази на тоа, затоа што на тоа лежи основата на земјата, која е хетерогена – и религиозно и етнички, и која заради ваквиот состав, не може да се однесува поинаку, предупреди претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека би сакал да има фер соработка со сите други балкански лидери и дека се стреми да го стори тоа.
-Како и да е, сите балкански лидери се за вредностите на Европа и Западниот сојуз. Сепак, практично, самите народи кои живеат во овој регион знаат дека на дневна основа – тоа не е така. Едно е тоа што се колнеме во ЕУ, во тој заеднички дом наречен „Обединета Европа“, но дома малку работиме за навистина да ги поврземе тие различни групи. Не само во етничка смисла. И, треба да направиме една природна симбиоза, барем малку да заличиме не некое просечно европско општество, истакна Пендаровски.