Претседател Стево Пендаровски во Тетово повтори дека ќе ги чека конечните верзии на пакетот од измени на осум закони поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10д, па дури потоа, по консултација со правниот тим, ќе одлучи дали ќе ги потпише.
Во однос на барањето од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да не ги потпишува указите за пакетот закони, претседателот Пендаровски рече дека не прима совети од политички партии.
„Кога ќе ги донесат законите во конечна верзија и кога ќе ги изгласаат во Парламентот, тогаш ќе седнеме со мојот правен тим и ќе видиме дали има основа за такво нешто. Инаку, во однос на потпишувањето укази за важење на законите, обично не примам совети од никого, а најмалку од политички партии“ изјави Пендаровски.
Инаку денеска премиерот Димитар Ковачевски ги повтори ставовите изнесени на вчерашниот брифинг дека договорот со конзорциумот Бехтел и Енка не е класифициран како државна тајна, туку станува збор за договор кој има степен на доверливост поради деловни причини.
Ковачевски рече дека станува збор за договор како и други договори кои што ги има склучено Јавното претпријатие за државни патишта со приватни компании кои што се изведувачи.
Тој повтори дека во договорот не се предвидени никакви пенали, но сепак додаде дека доколку од страна на пратениците се усвојат предложените законски измени, ќе се овозможи само за овој проект, кој е стратешки и од национално значење, да има 60 часовна работна недела.