Помина времето кога политичарите од високо гледаа во народот и му кажуваа што треба да прави. Ние сме апсолутно еднакви и јас и премиерот со сите вас, нема погоре и подолу, тоа е новото во македонската политика, кое никогаш порано не било, ние сме исти како што сме биле пред да дојдеме на власт, порача вечерва од Крушево кандидатот за претседател од коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски од каде и официјално ја започна кампањата.
Тој пред крушевчани рече дека на власта и се придружил бидејќи преземала чекори за кои по повеќе години генерациите кои доаѓаат ќе кажат дека тие луѓе не мислеле за сопствените џебови, туку за Македонија.
– Малата Македонија во овој момент е единствената позитивна вест од целиот регион, само од кај нас доаѓаат позитивни вести. Тоа во кус временски период, таква концентрација на убави работи и настани никогаш не се случиле, истакна Пендаровски.
На првиот ден од кампањата тој рече дека политичката гарнитура која го поддржува неговиот конкурент во претседателската трка е против Рамковниот и Преспанскиот договор и дека со тоа тие се против НАТО и Европската Унија што, според него, не е добро за државата.
Пред крушевчани се обрати и премиерот Зоран Заев, кој рече дека имаат претседателски кандидат зад кого стојат граѓани од сите етнички заедници и политички определби.
– Влеговме во тим за големи прашања, ги решаваме. Донесовме важни одлуки и продолжуваме напред. Со претседателски кандидат кој ќе биде ветар во грб, кој ќе биде сидро, ќе чекориме уште побрзо напред. Ова е патот, порача Заев.