Пендаровски: Никогаш не сме излегле од криза, најголема вина има кај партиите

by Фокус

Еден поглед врз целиот период од нашата независност до денес ќе покаже дека, за жал, во овие триесет и една година не сме имале подолг период на мирен развој на државата, рече денеска претседателот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање во Парламентот.

Toј истакна дека мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата.

-Од катастрофалните ефекти на приватизацијата, ембаргата и санкциите во 1990-тите, преку конфликтот во 2001-та, светската финансиска криза во 2008/2009-та, длабоката внатрешна политичка криза која заврши со упадот во Собранието и од која сѐ уште ги лечиме раните, и на крајот, пандемијата и војната во Украина, мноштво фактори го лимитираа нашиот развој и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата – нагласи Пендаровски.

Дел од овие циклични кризи, како што посочи, во континуитет беа предизвикани од екстерни фактори врз кои ние имавме мало или никакво влијание, како распадот на Југославија, геополитичките тензии, финансиските, економските и здравствените кризи…

-Меѓутоа, генерално, за неповолните внатрешни состојби во државата од кои граѓаните во висок процент не се задоволни, реално, најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на домашните политичари и политички партии, почнувајќи од првите гарнитури во раните 1990-тите, па сѐ до нас, денес, кои сме на чело на институциите на централно и локално ниво. Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност – потенцира претседателот.

Во таков амбиент, додаде тој, популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел, бидејќи, според него, демократијата не покажува доволно ниво на резистентност.

-Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите. Политичките и физичките блокади кои ги гледаме во главниот град во изминативе месеци, сигурно нема да бидат последни – рече Пендаровски.

Поврзани новости