Претседателот Стево Пендаровски во денешното интервју на „360 Степени“ на Алсат истакна дека тоа што неговите ставови за македонско-бугарските односи не кореспонираат со Денко Малески не значи дека треба да го елиминира од листата на негови советници.
-Одамна би требало да биде зад нас времето кога советниците на премиери, претседатели и министри мораат цело време да викаат – да, шефе, да, шефе. Мене ми требаат и соработници и советници кои ќе ми кажуваат и нешто поинакво од она што е стандардизирана историска или политичка вистина или факт. Некои критичари на неговиот став и на моето непостапување, веројатно очекуваа да го интернираме на Голи Оток, не знам што очекуваа. Велат, како можеш да соработуваш со таков човек кој не работи за националните и државни интереси. Национален и државен интерес, апсолутен приоритет број 1 за нас како нација и како држава е Македонија или сега Северна Македонија да биде демократија а не диктатура. Апсолутен национален и државен приоритет број 1 за нас е оваа наша држава да биде целосно интегрирана во западната цивилизација, во институциите во кои се споделуваат западните демократски вредности, а не да биде дел од Движењето на неврзаните – рече Пендаровски.
Тој посочи дека Скопје и Софија многу брзо може да најдат заедничко решение доколку се потпрат на Договорот за добрососедство и пријателство, особено на, како што вели, на делот наречен „споделена историја“.
-Постојат неколку елементи кои одат директно, не кон Преспанскиот договор, не само што се анахрони кон тенденциите во обединета Европа во последните неколку децении, туку одат директно спротивно на неколку базични постулати на нашиот договор со Бугарија. Ние таму не велиме дека во преговорите за ЕУ треба да утврдуваме етничка припадност на некој кој живеел пред 150 години. Клучниот израз употребен во тој билатерален документ е споделена историја. Не заедничка историја во која вие ќе кажете до 44-та било се бугарско, ти само треба да потпишеш, туку личности и настани, не сите до 44-та туку некои личности и некои настани кои се битни и за тебе и за мене. И за Бугарија и за Македонија. Во тоа е изразот споделена историја. Тебе ти е битен и мене ми е битен и затоа го изучуваме и затоа го почитуваме. И затоа во одредени ситуации договараме и заеднички да го чевствуваме. Како за Кирил и Методиј – истакна Пендаровски.