Пендаровски: Недомаќинскиот однос кон водата може многу да ни наштети

by Fokus

Севкупниот развој на државата во голема мерка зависи од квантитетот и квалитетот на нашите водни ресурси. Доколку не превземеме долгорочни мерки за нивна заштита, многу лесно можеме неповратно да ги изгубиме, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на виртуелната конференција „Зелената агенда за Западен Балкан како поттик за заштита на водите во Република Северна Македонија“, во организација на Институтот за европска политика во соработка со Институтот за комуникациски студии, а во рамки на кампањата „Разбистри сѐ!”.

Според некои проценки, рече претседателот Пендаровски, во државата се прочистуваат само околу 3 до 4 проценти од вкупното количество отпадни води од рударството и индустријата, а најголем дел од непрочистената вода се испушта директно во почвата, во реките, акумулациите, езерата и јавната канализација. Подеднакво сериозен проблем, според претседателот, е вадењето песок, чакал и камен од речните и езерските брегови и корита, што во отсуство на јасни критериуми и контролни механизми, како што рече, прераснува во de facto легализирано уништување на речните корита, информираа од неговиот кабинет.

– Постојат неколку причини за ваквото неодржливо управување со водите. Прво, ниското ниво на јавна свест и лична совест. Се уште доминира сфаќањето дека водата е ресурс што може неограничено да се троши. Ваквиот недомаќински однос е особено загрижувачки ако имаме предвид дека 11 проценти од вкупниот број на индивидуални домаќинства во Северна Македонија сѐ уште немаат пристап до вода за пиење, рече претседателот Пендаровски.

Поврзани новости