Пендаровски: Не згрешивме околу стратешките прашања, но застанавме на половина пат од слоганот „Нема правда, нема мир“

by Фокус

Ќе продолжам да работам за плата, а не за проценти и да ги третирам сите еднакво, да ги почитувам младите луѓе. Ќе продолжам да им помагам на понижените, ќе продолжам да ги критикувам криминалот и високата корупција на сите и на оние кои гласале за мене. И во 2014 година и во 2019 година на гласачкото ливче бевме број три а бевме број еден. И во мај ќе останеме на врвот.

Вака кандидатот за претседател на коалицијата предводена од СДСМ, Стево Пендаровски, на изборната конвенција во Скопје која заврши предмалку ја побара поддршката од граѓаните и најави дека очекува победа пред присутните во салата „Борис Трајковски“.

Во своето обраќање се осврна на сработеното во петгодишниот мандат, жестоко ја критикуваше опозицијата и ги нагласи успесите но и грешките на неговата матична партија СДСМ. Најави дека ќе бара ветинг за судиите обвинителите и политичарите како што предложи опозицијата но со разлика што би се проверувало уште од осамостојувањето на државата.

-Кога станува збор за нашите грешки околу стратешките прашања немавме. Но за политики и за кадровски одлуки имавме. Застанавме на половина пат во нашиот слоган „Нема правда, нема мир“. Во оваа смисла не може да го вратиме времето но мора да се обврземе на ветинг на политичари, судии и обвинители. Сите кои намерно држат предмети во фиоки или не може да докажат од каде им се милионите треба да лежат во затвор.

Го поддржувам ветингот на политичарите кој го предложи опозицијата и додавам една ставка – да се испитува од деведесеттите до денес да се види кои ги кршеа ембаргата и зедоа национализиран имот за себе – рече Пендаровски пред присутните.

Во своето обраќање Пендаровски упати остри критики кон опозициска ВМРО – ДПМНЕ која ја обвини дека шири поделби во македонското општество и дека на секој начин ја саботирала евроатлантската иднина на државата а раководството на партијата го нарече квазипатриоти.

-Истите тие политичари и партии во 2001 година наместо Рамковниот договор нудеа војна до истребување. Наместо договорот од Преспа нудат негово поништување и алтернатива зачленување во БРИКС. Политичари и партии нема став за референдумот во 2018 година и не го соопштија. Секогаш викаат „никогаш северна“ ама во изминатите 5 години земаат плати како градоначалници и пратеници и не им паѓа на памет да ги вратат мандатите.

Пред три години кога сите сили работевме на модификација на францускиот предлог и имавме тешки битки со Бугарија тие ја саботираа а европратеници и европарламентарци кои им ја работат сега програмата беа на бугарска страна. Не се извинија за најсрамниот чин во историјата на Македонија – 27 април – рече Пендаровски.

Поврзани новости