По повод 60 годишнината од скопскиот земјотрес, денеска во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија се одржа централниот настан – Градиме издржливост, кој следуваше после низа едукативни работилници, отворени денови и научни средби кои ИЗИИС ги посвети на овој дел од историјата на Скопје.
Претседателот Стево Пендаровски рече дека на 26 јули 1963 година под урнатините останаа затрупани 1070 биографии, радости, дилеми, планови за иднината и засекогаш се промени лицето на градот.
„Освен темните мемории оваа годишнина е можност да се потсетиме и на фактот дека Скопје по земјотресот стана глобално познат како град на солидарноста, место каде што човештвото, наспроти идеолошките разлики, се обедини со цел да помогне нашиот главен град да се врати во живот“, рече Пендаровски.
Според него обновата на Скопје значеше не само изградба на објекти и инфраструктура, туку и подигнување на стандардите за градба. Токму за таа цел, во 1965 година е формиран Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
„Во децениите кои се зад нас, ИЗИИС прерасна во респектибилна институција која овозможува обука на професионалци – градежни инженери, архитекти и планери на највисоко ниво, со цел унапредување на планирањето и проектирањето со примена на најсовремени техники, методи и процедури. Денес, брендот на ИЗИИС е препознаен и потврден во стручната јавност не само кај нас, и не само во поширокиот регион, туку и во глобални рамки“, рече Пендаровски.
Според претстедателот, најмногу заради ангажман на ИЗИИС и истражувачка работа, се воспоставени високи стандарди за асеизмичко градење.
„Стручната експертиза и професионалните стандарди мораат да бидат остро спротивставени при секој обид на било кој политички, бизнис фактор или деловен интерес да бидат заобиколени воспоставените правила и критериуми при изведбата на објектите. Се разбира, потребен е и ваш натамошен, континуиран ангажман и за подобрување и надградување на стандардите со следење на најновите светски трендови и иновации во областа “, изјави Пендаровски.