За правдата не се доволни само законите, политичките одлуки и институции. За правда е потребна промена на свеста. Затоа, сите ние, политичари, судии, обвинители, правобранители мора да се согласиме околу една работа, а тоа е дека не смее да се тргува со правдата. Ако една генерација ја изгуби вербата во правдата, таа ја изгубила довербата во државата, порача претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Тој нагласи дека за судството да биде заштитено од потенцијални политички и економски влијанија, независноста треба да биде не само формално-правна, туку функционална и финансиска.
-Мора да се вложува во квалитетни кадри кои непристрасно, професионално и ефикасно ќе ја извршуваат функцијата. Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите мора да биде целосно деполитизирано и да се врши според транспарентни процедури и објективни критериуми, втемелени врз системот на заслуги. Токму во тоа ја гледам улогата на Академијата за судии и јавни обвинители која има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри, рече шефот на државата во поздравното обраќање.
Освен обуката, посочи, Академијата истовремено придонесува и за градење на културата на отпорност кон корупција, политички влијанија и злоупотреба на судската и обвинителска функција.
-Најважната задача на оваа институција е да избере поединци со морален компас, со висок личен и професионален интегритет и чувство на одговорност, кои ќе бидат целосно посветени на правото и правдата. Од издржаноста на нивните пресуди ќе зависи дали македонските граѓани ќе веруваат дека правдата е можна. А, враќајќи ја довербата во правосудството, вие ја враќате правната сигурност и предвидливост, неопходни за идниот економски и општествен развој на државата, рече Пендаровски.