После сите компаративни анализи што може да ги извлечеме на таа тема, не можам да видам дека постои друга организација, во некој друг регион во светот, која нуди подобри предуслови за развој на ова специфично општество во Република Македонија, вели националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Јас сум еден од тие славни учесници на тој неславен самит во 2008 и отприлика ја знам атмосферата која владееше и внатре во македонската делегација и од аспект на човек кој тогаш беше вработен во Кабинетот на Претседателот на Македонија и беше блиску до главниот спор кој и тогаш и сега нè носи или нè одалечува од Алијансата. Мислам дека и внатре атмосферата е поинаква и надворешно земено, клучните фактори имаат поголеми очекувања од тоа дека може да се изроди нешто позитивно од преговарачкиот процес. Секоја одговорна политика мора да има и алтернативни планови. И со оглед на тоа дека станува збор за стратешка цел која е дефинирана не само од ова сега владејачко мнозинство, туку практично од сите релевантни партии наназад 25 години, од сите нив е дефинирана како стратешка цел, едната е нели НАТО, другата е ЕУ. Јас мислам дека ние до утре може да разговараме за алтернативи, меѓутоа подобра варијанта од оваа двојна интегративна агенда нема да најдеме, вели Пендаровски.