Не можам да го чувам мандатот во фиока и морам да го доделам во рок од десет дена од верификувањето на мандатите на пратениците. Aко лидерот на СДСМ, Зоран Заев не обезбеди 61 пратеник за 20 дена, тој ќе го врати мандатот.
Ова го изјави претседателот, Стево Пендаровски по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој попладнево со неколку пратеници беше во Вила Водно за да бара образложение зошто Пендаровски му го дал мандатот на Заев без мнозинство.
Пендаровски рече дека според член 90 од Уставот, со верификацијата на мандатите почнува броењето на десет дена претседателот да го даде мандатот и наведе дека така било и во 2006 година и во 2016 година. Пендаровски како аргумент зошто му го додели мандатот на Заев рече дека вчера единствено тој од партиските лидери му се јавил и му кажал дека е на добар пат да обезбеди мнозинство.
-Најмногу прашања беа дали и на кој начин тој ме увери дека има мнозинство. До овој момент 61 пратеник нема ниту една партија, но Заев се јави вчера и рече дека во преговорите со партиите тој е на добар пат да обезбеди мнозинство. До денес ниту една партијата не се јави, а мене роковите ми течат. Не можам да го земам мандатот и да го чувам во фиока, должен сум да го дадам мандатот. Немам намера мандатот да го носам дома и да нема институции кои ќе се формираат, рече Пендаровски.
Потоа било отворено прашањето зошто Пендаровски не барал гаранции, а неговото образложение е дека ниту еден претседател од Киро Глигоров досега, никој не барал матични броеви, нотарски заверени изјави освен неговиот претходник, Ѓорге Иванов кој на Заев му побара гаранции при доделувањето на мандатот.
-Моето убедување е дека на луѓето мора да им се верува на зборот, затоа што и тие имаат одговорност. Ако Заев за 20 дена не формира влада, ќе си го врати мандатот. На денот на гласањето во Собрание се утврдува дали има мнозинство или не, рече Пендаровски. Тој вели дека обезбедувањето на мнозинството не може да биде сокриено.
За најавата на Мицкоски дека ќе ги замрзне односите со претседателот тој рече дека тоа е негова одлука во едно демократско општество, но вели дека е сигурен дека ако Заев не обезбеди мнозинство Мицкоски прв ќе го побара мандатот од него, и покрај замрзнатите односи.
За најавата за средба која Мицкоски ја соопшти на прес конференција рече дека бил изненаден, со оглед на тоа што досега со Мицкоски имале многу коректни односи и се слушале дури и на полноќ.