Претседателот Стево Пендаровски смета дека не направил уставна повреда при доделувањето на мандатот за составување на Владата, а од новата владина коалиција очекува да ги реализира ветеното пред изборите.
Пендаровски во интервју за Канал 5 кажа дека ги отфрла обвинувањата дека го повредил Уставот кога му го дал мандатот на Зоран Заев и упати критичарите на оваа негова одлука да побараат мислење од Уставниот суд.
Посочи дека коалицијата СДСМ и ДУИ била направена многу пред доделувањето на мандатот. Мандатот за составување Влада му го дал на Заев кој имал рок од 20 дена и ако не успее во тоа го враќа, што, според него, би бил политички пораз. Давањето мандат, вели Пендаровски не е гранција дека ќе се формира Влада. Смета дека треба да се прецизираат уставните одредби кои ја уредуваат оваа проблематика.
Прашан за предизборните изјави на Заев дека ДУИ по многу години власт треба да оди во опозиција, и на Ахмети дека ќе има премиер Албанец, Пендаровски рече дека изборниот резултат ја диктирал структурата на Владата, исто како и во 2016 година.
– Математиката во политиката за жал или за среќа е многу битна работа, истакна претседателот. Резултатите од изборите за него биле очекуван со исклучок на Левица, во позитивна смисла, зашто добила повеќе гласови од предвиденото.
За изборниот модел и дали треба да се менува, Пендаровски рече дека се залага за една изборна единица и за отворени листи и преференцијални гласови. Но, тој во моментов не гледа дека има политичка волја кај најголемните партии за измена на изборниот модел.
За очекувањата од новата Влада, вели дека гледа војла за продолжување на реформите, кои особено треба да се насочат во правосудството.