Кандидатката за претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова одговори на прозивките од противкандидатот Стево Пендаровски и лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Пендаровски го повика на дебата за да видат кој навистина има план.
-Замислете, јас сум немала план, а тој имал план? Па, еве го канам, ќе почнеме сега серија на дебати околу програмата за областите што се најважни, нека се приклучи Стево Пендаровски, па нека даде свој интелектуален придонес во тоа. Никогаш не говорам за студентите, ама најдобрите никогаш не ги заборавам и за нив секогаш кажувам сè. Не го помнам Стево Пендаровски како студент, но знам дека магистрирал и докторирал откога ги усовршил своите аналитички способности во министерството за внатрешни работи и сега човекот на ваков начин зборува за мене. Го запознав на една врвна дебата, организирана од поранешниот претседател Борис Трајковски, наречен „Дијалог на цивилизациите“, каде што учествуваа врвни интелектуалци од земјата и од светот. Знам дека околу нас кружеше еден човек и се сетив подоцна дека тоа беше Пендаровски, веројатно беше дел од организацијата на настанот, рече Силјановска.
За Ковачевски рече дека во Собрание и давал пофални зборови, а потоа ја навредувал од митинзи.
-Да не зборувам за оној другион. Мојот професор, Ѓорѓи Марјановиќ, велеше дека никој како кумановчаните не умеат преку скратеното име да ја изразат личноста. Не го кажувам неговиот прекар, меѓутоа знам дека не случајно е во женски род. Многу е мизерно да ве среќава во Собранието и да ви вели дека вие сте нешто најдоброто во Собранието, па да вели дека за најдобра дебата ја смета онаа со мене за нобеловецот Кругман, за економија, моите тези за опасноста од рефеудализација во светот. И потоа да вели дека мене, замислете мене, ме шетал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како тетка. Така зборува не Заратусра, туку бившиот премиер. Ама, ако се обидете да прочитате нешто за него, како и за првиов, некој труд, некое членство во меѓународна организација, нема да најдете ништо. Tabula rasa!, рече таа.
Според неа, Пенаровски не водел дијалог со владата, туку со понизност го гледал претходниот премиер Заев и Ковачевски, но и како што рече, фактичкиот премиер господинот Ахмети.
Па, тој дури и му сугерираше што да зборува, замислете тој го повторуваше. Замислете, претседател на држава вели дека ,Како досега’ ќе си постапува. Па, ако е како досега, тој нема план за отсега туку ќе си го повторува истото. Тој се кандидира за претседател и треба да кажува што ќе прави понатаму. Ама, како ќе каже што ќе прави понатаму кога досега ништо не сторил. Лист хартија, бела хартија!, рече таа.