Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска се сретна со претседателот на Здружението на судиите и судија во Врховен суд на Република Северна Македонија Џемали Саити, на која било разговарано за предизвиците со кои се соочуваат судиите во вршењето на својата одговорна должност, како и за развојните процеси во оваа област, со цел јакнење и гаранција на независноста, самостојноста и објективноста на судството.
Во тој контекст, Саити го информирал претседателот Пендаровски за нивните досегашни активности во насока на поттикнување на развојот во судството, преку унапредување на законите за целокупната организација и работата на судовите.
Претседателот Пендаровски, се наведува во соопштението од неговиот Кабинет, нагласил дека главен предуслов за напредокот на секоја државата е токму владеењето на правото, односно, неселективно и независно судство, кое професионално, правично и непристрасно ќе ги спроведува законите.
Тоа, нагласил Пендаровски, се придобивки од кои, посредно или непосредно, се засегнати сите граѓани во Република Северна Македонија.
– Доследното практикување на правната држава е од витален интерес за нашите граѓани, рече претседателот Пендаровски, подвлекувајќи дека тоа е едно од клучните барања на Европската унија, во пресрет на одредување датум за почеток на пристапните преговори на нашата држава.