Пендаровски на средба со хуманитарецот Февзи, кој од својот џеб издвојува за другите

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Али Февзи, хуманитарец од Скопје, кој на средбата го запозна со неговата иницијатива за донирање на поединци и семејства во социјален ризик, што беше интензивирана по почетокот на пандемијата на КОВИД-19, сооопшти кабинетот на шефот на државата.

-Февзи својата хумана мисија ја започна преку донирање на намирници од сопствени средства, по што на неговата иницијатива се приклучија поединци и организации. Споделувајќи ги предизвиците со коишто се соочува во неговата активност, тој на средбата посочи дека бројот на поединците и семејствата на коишто им е потребна помош постојано се зголемува и поради тоа ја истакна потребата за зголемување на поддршката од други хумани граѓани, организации и институции, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.

Претседателот Пендаровски оддал признание за активизмот, хуманоста и солидарноста на Февзи и изразил очекување дека неговата работа ќе биде пример за други поединци, организации и општествено одговорни компании, согласно можностите, да помогнат на оние што се најмногу погодени од кризата по почетокот на пандемијата.

Поврзани новости