Пендаровски на митинг вели, ако не ме гласате очи да не ви видам, тврди Мицкоски

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешното свое обраќање пред граѓаните во општина Василево во рамките на претседателската кампања истакна дека Стево Пендаровски којшто 5 години заборави на Македонија, кажува колку било убаво да ја посети оваа или онаа општина, но 5 години ниту еднаш не дошол во општина како што е Василево и да праша со какави проблеми се соочуваат граѓаните, а сега пред избори ќе дојде и ќе ветува како првпат да се појавува во политиката.

Тој исто така потенцираше дека неверојатно е тоа што Стево Пендаровски им се обраќа на луѓето на митинзи со зборовите „Ако не ме гласате, не ме барајте“.

„Ете таков претседателски кандидат имаме од едната страна. Човек кој не си ја знае земјата и човек којшто замислете вчера во Делчево, на настан, на митинг обраќајќи се на делчевчани им вели ако не ме гласате, не ме барајте. Така им вели ако не ме гласате не ме барајте, значи ако не сум претседател не ме интересирате. Тоа е дефиницијата. Го слушам и не ми се верува, човекот повеќе од три децении е активен во македонската политика“ нагласи Мицкоски и додаде:

„Е тој човек ќе дојде овде, ќе ве гледа во очи и ќе ви кажува колку ве сака, цени почитува и ќе бара поддршка уште 5 години за повторно да не ви види очи. Е тој е човекот којшто денеска и се спротивставува на професорката Гордана Силјановска Давкова позади која што стојам јас, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.

Мицкоски истакна и дека изборот на 24 април и на 8 мај е меѓу човек како Пендаровски кој отворено кажува дека е претседател само на оние што го гласаат и професорката Гордана Силјановска Давкова којашто е неприкосновен борец за граѓаните и светски признат експерт цитирана од светски правници.

-На 24 април бираме за овој човек којшто јавно вели дека нема намера да биде претседател на сите граѓани туку на „нашите“, оние коишто гласаат за мене, така му е и паролата, пораката од кампањата „Нашиот претседател“ значи тој е претседател само на тие коишто гласаат и сега не само што е тоа напишано туку мора и да се дообјасни на митинзи, па вели ако не ме гласате очи да не ви видам. Еве вчера, слушајте го. Јас не можев да верувам дека тоа го зборува претседателски кандидат. Е тој е од едната страна кандидатот, а од другата страна ја имате професорката Гордана Силјановска Давкова, жена која што ја познавам долго време. Можам да кажам дека таа е беспрекорен борец за Македонија, беспрекорен борец за граѓаните на Македонија. Никогаш таа не ги дели граѓаните по верска и етничка припадност, космополит човек, познавач на правото, на Уставот, европски признат стручњак, светски признаен стручњак. Жена што како професор била визитинг професор на многу реномирани светски, европски универзитети. Држела предавања на студенти ширум целиот свет на врвните најпрестижни универзитети. Многу научници, многу професори, правници светски ја цитираат денеска Гордана Силјановска Давкова, потенцираше Мицкоски.

Поврзани новости