Пендаровски: Младите ракометарки се нашата нова гордост

by fokus

По победата на Б кадетското европско женско ракометно првенство во Клапеида, Литванија, претседателот Стево Пендаровски попладнево ги прими ракометарките и стручниот штаб на женската ракометна кадетска репрезентација – селекција до 17 години (У17), селекторот Љубомир Савевски и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Честитајќи им го големиот успех, претседателот Пендаровски истакна дека нивните постигнувања влеваат надеж за иднината на женскиот ракомет.

„Навистина имаме со што да се гордееме. Вашиот успех е и наш, национален успех. Посакувам да ја задржите меѓусебната кохезија, да се почитувате и да бидете пред се, најдобри другарки. Од мене имате целосна поддршка“, им порача претседателот Пендаровски на младите ракометарки.

Со победата на Б кадетското европско женско ракометно првенство, ракометарките обезбедија место во највисокиот ранг на наредните европски првенства за младинки и за кадетки, како и настап на светското првенство. На шампионатот во Литванија, 14-годишната Ива Младеновска беше прогласена за најкорисен играч, а во најдобриот тим, покрај неа, се најдоа и Теодора Дуковска и Марија Јовановска.

Поврзани новости