Претседателот Стево Пендаровски во интервју за “Recite Al Jazeeri” на телевизијата Ал Џезира Балканс се осврна на бројните политички проблеми со кои се соочува нашата земја.
Откако неодамна Македонија не доби датум за преговори со Европската унија, разочарувањето не го крие ниту народот, ниту пак политичката елита во земјава. Набрзо потоа, се појавија разни „идеи“ за тоа како Македонија и останатите земји од Западниот Балкан не би станале полноправни членки на Европската унија, туку би било направено еден вид на специјално партнерство на Брисел со земјите од регионот. Такво нешто е целосно неприфатливо, вели македонскиот претседател.
„Тоа не е членство. Ние не можеме да се залажуваме со посебни партнерства. Нам Европа ни е потребна поради вредности, не ни треба само поради пазарот. Со вакви алтернативни форми на усојузување ние не можеме да просперираме“, порача претседателот Пендаровски и нагласува дека таквата идеја во ЕУ ја споменуваат само Франција и уште најмногу две други земји.
Пендаровски покрај тоа што порача дека со членството во Европската унија треба да ги донесеме европските вредности дома, исто така порача дека ние не сме соседи, туку дека ние сме Европа, структурно, географски и институционално.
„Се споменуваше дека ние сме дел од некакво соседство, но соседството во однос на Европската унија е друго. Соседи на Европската унија се централноазиските држави или северноафриканските држави. Ние не сме соседи, ние сме структурно и географски, но и институционално дел од Европа. Дали ќе бидеме членки и кога ќе бидеме зависи од исполнување на критериумите. Меѓутоа ние не сме соседи, целиот Западен Балкан не е третиран како сосед на ЕУ, туку како дел од ЕУ односно дел кој еден ден ќе биде дел и од институционална Европа“, порача македонскиот претседател.
Македонскиот претседател меѓу другото беше запрашан дали граѓаните на Македонија треба да се чувствуваат излажани поради промената на името и одбивањето на Европската унија за доделување на датум за преговори.
„Јас сум сведок дека тоа е доминантно чувство“, призна Пендаровски, но додаде и дека промената на името не е без ефект затоа што земјава наскоро ќе стане членка на НАТО Алијансата.
„Факт е дека во историска смисла, во стратешка смисла, во која сакате смисла, членството во НАТО на една балканска земја е многу поприоритетно од членството во Европската унија. Многу е важно да ја имате обезбедено територијата, границите, да имате 29 други сојузници кои заеднички со вас ќе се борат против заканите, наместо да сте сами“, изјави Пендаровски.
Претседателот додаде дека и нему му пречи Северна во името, но не треба да се заборави, рече тој, дека тоа ни ги отвори вратите во НАТО, што на земјата и гарантира безбедност и стабилност.
„Ми пречи, како и претпоставувам на сите македонски граѓани во земјата и ден денеска не можам да се навикнам, но можеби со тек на време ќе биде. Знаете што, јас влегов во политиката пред многу години не само на оваа функција со сознанието дека мора да се биде закачен или атачиран на реалниот амбиент во кој сте, значи емоциите ќе ги оставите за по дома, овде посебно на оваа позиција мора да водите сметка за иднината на државата, ако не губиме ништо од идентитетскиот комплекс, а не губиме ништо тоа е гарантирано со Преспанскиот договор. А ако и притоа добиваме членство на вакви алијанси кои гарантираат просперитет и иднина на земјата тогаш ќе сфатите тека тоа е нужно. Што мислите како се чувствувале во раководството 95-та година или 93-та кога влеговме во Обединетите Нации со Поранешна Југословенска Република Македонија па никогаш не мене на никого не му прирасна за срце, затоа и не го изговараше, значи едноставно тоа се компромиси во политиката, жртвувате нешто за да добивате нешто повредно. Што е жртвувањето, ги сменивме таблите по институции меѓутоа јас, Вие и сите и понатаму остануваме Македонци кои зборуваат македонски јазик, имаме кодови кои се МК, МКД и така натаму, значи во тој дел не губиме. – истакна Пендаровски.