Од разговорите што сум ги имал со сите луѓе во здравствениот сектор тврдам дека ние не се разликуваме ниту за милиметар од сетот мерки што се преземаат во Холандија, Франција и каде сакате за заштита од КОВИД-19, проблемот е во имплементацијата. Менталитетот на луѓето е таков каков што е, но за жал и менталитетот на институциите кои треба да ги применуваат прописите е таков каков што е.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски вечерва во интервју за емисијата Топ тема на Телма и нагласи дека на секаде во Европа бројот на заболени расте.
-Во овој момент постојат неколку држави во Европа кои воведуваат порестриктивни мерки за заштита, но нема ни една која воведува целосен карантин како во април годинава. Сега сите се обидуваат да направат некаков микс меѓу шведскиот модел – економијата и училиштата да работат колку што е тоа возможно, а да не работат рестораните и кафеаните, рече Пендаровски.
За отворањето и затворањето на државните граници во услови на пандемија посочи дека може да се гледа низ два аспекта – политички, односно дали ако некој ни затвори граница и ние треба да му ја затвориме и вториот – здравствен.
-Од она што го кажуваат здравстевените експерти најголем проблем со заразените што ги имаме не е од оние што ни влегуваат во државата, туку од тие што се веќе внатре. Со евентуално отворање на границите без ПЦР-тестови прашање е колку ќе влезат зошто фреквенцијата преку границите е катастрофална. Уверен сум дека нема да предизвика проблем отворањето на границите ако се гладаат статистиките, посочи Пендаровски.
Нагласи дека смета оти час поскоро треба да се донесе закон за вонредна состојба и додаде дека е добро да се размислува и за спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
-Ние сме мала држава со лимитиран број ресурси за каков било предизвик, а посебно не за пандемијата. Затоа можеби треба се да се фокусира и концентрира на едно место.Не можам формално да иницирам носење на закон за вонредна состојба, но можам да најдам пратеници кои ќе ја поднесат таа иницијатива или да го кажам јавно. Мислам дека не треба да чекаме нова пандемија и да изгубиме време да не ги концентрираме ресурсите кои ни се многу сиромашни, порача Пендаровски.