Пендаровски: Ако Силјановска победи на изборите, тоа ќе значи враќање во времето на Груевски!

by fokus

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, нема да го смени пристапот во кампањата за вториот изборен круг зашто смета дека е добар и дека тоа не е причината за бројот на освоените гласови во првиот круг, на 21 април.

Како што изјави денеска пред трибината со младите во „Јавна соба“, пристапот и во првиот круг, во сите генерални одредници, бил во ред.

Оние што не излегле на гласање во првиот круг, Пендаровски ќе ги мотивира со предочување на контрастот меѓу двете опции што преостанаа – едната, како што рече, е евроатлантска Македонија, а другата е Македонија изолирана, на дното на Балканот. Преголем ризик е, смета Пендаровски, се што беше добро направено во изминатите две години да се стави настрана или да се фрли и да се вратиме во приодот кога неколкумина луѓе во врвот на власта одлучуваа за нашите животи, судбини и за нашата иднина.

-Бројот гласови освоен во првиот круг не е резултат на мојот пристап, туку на еден поширок политички контекст. Знаеме сите низ што се поминавме изминатите две години и зошто е таков резултатот во одредени региони, општини или кај гласачи на оваа политичка структура што мене ме поддржува. Мислам дека мојот пристап е добар и имам намера до крај да го застапувам. Се надевам дека во вториот круг, на 5 мај, многу поголем број граѓани ќе сфатат дека ова е единствениот пат за излегување од изолацијата што ни ја наметна претходната политичка гарнитура и дека единствен начин земјава да да се развива е да се следи овој пат – на внатрешна стабилност, добри меѓуетнички односи и целосна интеграција на Македонија во евроатлантските структури, истакна Пендаровски.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавената „чистка“ во владините редови, напомена дека во целост ја поддржува.

-Тоа е пред се работа на премиерот и на владината структура, но јас потполно го поддржувам тој пристап и сметам дека е во ред. Сакав до сите да апелирам, да ги замолам да размислат, за момент да ги стават на страна проблемите во функционирањето и неисполнувањето на ветувањата од 2016-та, 2017-та и евентуално во меѓувреме и да помислат што би бил исходот ако опозициската кандидатка или главната опозициска партија добие мнозинство гласови. Тоа ќе значи директно враќање во времето на Никола Груевски, а сите знаеме дека во тој период не живеевме добро. На сите полиња бевме закочени и сега, со повторното инсталирање на истиот тој режим, но под друго име, сите ние, вклучувајќи ги и незадоволните од актуелната гарнитура што ја гласале пред година-две, не би сакале да го повториме тоа искуство, подвлече Пендаровски.

Тој не гледа, како што рече, друг начин, ниту друга опција освен да се даде поддршка на оваа варијанта.

-Сепак, треба да се држат за збор премиерот и министрите дека ќе преземат се за да не се повторуваат грешките кои се очигледни, кои ги има и се евидентирани од јавноста во изминатите две години, истакна Пендаровски.

Во однос на младите кои се фокус на денешната трибина во „Јавна соба“, претседателскиот кандидат порача дека креативноста мора да биде ослободена, а тоа не се прави во стеги и изолација.

Поврзани новости