Претседателот Стево Пендаровски кој по седницата на Советот за безбедност образложуваше зошто ја донел одлуката за продолжување на вонредната состојба за 14 дена, а не 30 дена како што бараше Владата тврди дека новата вонредна состојба се прогласува исклучиво поради економските ефекти од корона кризата. Наспроти лидерот на СДСМ, Зоран Заев, претседателот Пендаровски порача дека траењето на вонредната состојба, овој пат од 14 дена, нема ама баш никаква корелација со датумот на следните избори.
– Траењето на вонредната состојба овој пат во траење од 14 дена нема ама баш никаква корелација со датумот на следните избори, никаква. Тоа е посебна тема која знаете дека ќе ја дискутираме на следната лидерска средба на почетокот на идната недела, рече Пендаровски.
Сепак тој не кажа децидно дали и кога треба да се одржат изборите, иако по лидерската средба, Заев објаснуваше дека изборите би се одржале во зависност од продолжувањето или не продолжувањето на вонредната состојба, односно 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.
Тој рече дека клучната проценка на Комисијата за заразни болести во однос на одржувањето на изборите била дека се додека не се најде вакцина на корона вирусот, изборите и сега и понатаму треба да бидат организирани со посебен протокол. Тој нагласи дека Државната изборна комисија не може да го одреди датумот за изборите, туку таа ќе постапува во законските рамки, а политичарите ќе го одредат датумот за избори. Тој е дециден единствено дека нема да прифати избори без меѓународни набљудувачи.
За голем дел од граѓаните кои биле збунети што значи вонредната состојба и мерките, тој објаснува дека голем дел од мерките, како ограничувањето на движењето и слично, не се поврзани со декларирањето на вонредната состојба, односно тие може да бидат укинати и во вонредна состојба. Порача дека вонредната состојба ни е потребна исклучиво за справување со еконмските ефекти поврзанис со Ковид 19 и заокружувањето на здравствени одговори.
-Со оглед на позитивните трендови на смирување на пандемијата сметам дека 14 денови се доволни. Причина за ваквата одлука е имплементирање на социјално – економските мерки за ублажување на последиците на пандемијата кои сега се чувствуваат како резултат на фактот дека огромен број на фирми не работеа и се уште не работат. Кон крајот на месецот бев информиран дека се очекува да склучиме кредитен аранжман со ЕБРД од околу 160 милиони евра. Се разбира најважна причина за оваа одлука беше и тоа што на таков начин се овозможува владата да продолжи преку уредбите со законска сила да овозможува на целиот здравствен систем поуспешно да се справува со пандемијата. Владата може вонредната состојба да ја користи за поткуп на гласачите, сакам да ви кажам дека барем за овој последен податок кој го изнесов, за аранжманот со ЕБРД, дека такви работи со Европската банка не се возможни. Тоа се строго наменски средства и ќе одат за поддршка на стопанството. Се разбира дека не можат да бидат, и ако воопшто некој има таква намера, не може да бидат наменети за изборен поткуп. Инаку и за евентуални злоупотреби и на ова што досега беше активност на Владата, значи уредбите со законска сила и она што ќе биде донесено во наредните 14 дена, за тоа постои Уставен суд, знаете дека некои уредби веќе ги прогласи за неуставни и донесе времени мерки за стопирање на нивното дејствие. Има антикорупциска комисија и други институции кои можат да проверат дали тие уредби се за справување со пандемијата или имаат некоја друга мотивација, рече Пендаровски.
Тој побара од Владата да ги намали рестриктивните мерки за движење на граѓаните и рестриктивните мерки за стопанските субјекти.