Претседателот Стево Пендаровски, на одбележувањето 80 години од холокаустот на македонските Евреи, испрати порака до јавноста.
-Кога луѓето не се спротивставуваат на неправедните системи, стануваат или активни соучесници или пасивни набљудувачи, рече претседателот.
Потсети и дека од Македонија, 7.144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта Треблинка.
-Првиот чекор бил дискриминација. Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови.
Вториот чекор бил изолација.
По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда. На тој начин, вековниот симбол на еврејскиот идентитет беше злоупотребен за да ги стигматизира Евреите како различни, туѓи и опасни.
Третиот чекор бил дехуманизација. Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, од скопскиот Монопол биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставувале 98% од севкупната македонска еврејска популација, и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна.
Никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија. Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?, рече Пендаровски.