ФОКУС пред првиот круг од претседателските избори ќе направи интервјуа со сите тројца кандидати. Прв на прашањата ни одговори кандидатот на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски. Професор, политичар, експерт за национална безбедност, сопруг и татко. Бил назначен за главен советник за надворешна политика во кабинетите на претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Цврсто стои во одбрана на Преспанскиот договор. Уверен е дека нема да се повтори сценариото од претходните претседателски избори, бидејќи за разлика од победата на Иванов, неговата победа, како што вели, ќе биде кристилно чиста.
ФОКУС: Потпишавте кодекс за етичко однесување во кампањата и како што рековте верувате дека вашите противкандидати нема да се впуштат во валкана кампања. Се уште ли го мислите тоа?
ПЕНДАРОВСКИ: Секако дека го мислам и јас се придржувам до она што го ветив, но тоа не е случај за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ. Тие веднаш влегоа во дискредитација и омаловажувања. ВМРО-ДПМНЕ пласираше спотови кои се навредливи, но граѓаните тоа го препознаваат како деструкција и верувам дека ќе ги казнат на изборите. Самата Силјановска лажно тврди дека е против таквата кампања а всушност ја поддржува.
ФОКУС: На претходните избори изгубивте од Иванов, а со Силјановска сте во тесна трка. Кој е потежок противник?
ПЕНДАРОВСКИ: Сите релевантни истражувања покажуваат дека ќе водиме со значителен број гласови во првиот круг и дека ќе извојуваме сигурна победа во вториот. Оттаму воопшто не мислам дека е тесно, напротив мислам дека имаме сигурна победа. Што се однесува до минатите избори, сите знаат дека ВМРО-ДПМНЕ направи брутален и незаконски изборен инженеринг со притисоци, поткуп и низа други злоупотреби. Не станува збор за кој е потежок или полесен противник, туку за амбиентот и можноста граѓаните слободно и по сопствено убедување да гласаат. Денес имаме слобода на гласање, нешто за што сите се боревме против режимот на Груевски чии наследници се Мицковски и Силјановска. И верувам дека сега ќе биде полесно затоа што граѓаните не сакаат уште еден послушник на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт кој ќе ја закочи државата. Верувам дека масовно ќе се гласа за конечна промена и ставање крај на режимот на Груевски.
ФОКУС: На анкетите кај македонското гласачо тело води Силјановска? По се изгледа доколку победите одлучувачки ќе бидат гласовите на Албанците?
ПЕНДАРОВСКИ: Јас очекувам убедлива победа кај сите етнички заедници бидејќи јас сум единствениот кандидат кој ги претставува и им се обраќа на сите граѓани. И тоа суштинската улога на претседателот, да обединува и да биде претседател за сите. Силјановска свесно ги отфрли Албанците уште на почетокот на кампањата додека Река јасно ја води кампањата само кон етничките Албанци. Оттаму воопшто не размислувам низ етничката призма на овие избори туку очекувам гласови од сите етнички заедници и најмногу гласови од сите кандидати во првиот круг. Ова е мојот концепт
кој го поддржуваат најголем дел од граѓаните и сигурен сум дека така и ќе гласаат во недела.
ФОКУС: Доколку бидете избран за претседател, ќе бидете ли како Иванов, кој никогаш не ја критикуваше партијата која го донесе на власт?
ПЕНДАРОВСКИ: Јас како претседател ќе бидам целосна спротивност на Иванов додека Силјановска би била новиот Иванов. Во моето досегашно делување покажав дека сум човек со интегритет кој знае да критикува се што смета дека не е добро за граѓаните. Со години во моите јавни обраќања сум говорел и критикувал политики и одлуки кои не биле добри, без разлика која партија била на власт. Таков ќе останам и како претседател, мојата главна улога ќе биде да бидам коректор на власта и на сите политички партии кога ќе видам дека не работат во интерес на граѓаните. Моја главна задача е да бидам гласот на граѓаните во моменти кога партиите ќе заборават на нив и нивните интереси. Токму така ја гледам мојата улога како претседател и тоа е целосно спротивно на она што го имавме во последните 10 години. Ова им го ветувам на граѓаните и од тоа нема да отстапам ни милиметар.
ФОКУС: За што и забележувате на актуелната власт до сега?
ПЕНДАРОВСКИ: Сметам дека некои процеси се одвиваат побавно отколку што се очекуваше, особено носењето на закони и реформи поврзани со евроинтеграциските процеси. За ова делумно е секако виновна и политичката криза, но сметам дека мораше поефикасно да се работи на ова поле. Понатаму, случаите со непотизам кои се појавија во јавноста исто така ги осудувам, но добро е што и самата власт е свесна за тоа. Драго ми е што конечно профункционира независна Антикорупциска комисија која веќе води истраги за да се расветлат овие случаи. Мене ме радува што власта е подготвена да прифати критика и секогаш реагира. Ова ми дава надеж дека како претседател ќе наидам на добра соработка и ќе ги прифаќаат забелешките од мене како претседател. Токму затоа и сум кандидат на СДСМ и коалицијата бидејќи секоја влада може да греши, но не секоја има демократски капацитет и разбирање како оваа. И тоа е многу важно за развојот на земјата но и за влијанието на граѓаните врз политиките.
ФОКУС: Се чини како освен Силјановска против вас на дебатите да е и Река, и двајцата се критички настроени кон власта, додека вие ја браните. Ќе беше ли стратегиски попаметно да се оградите од власта, како што Силјановска се оградува од грешките на ВМРО-ДПМНЕ?
ПЕНДАРОВСКИ: Апсолутно е неточно дека Силјановска се оградува од грешките на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, Силјановска не се огради од ниедна монструозна постапка на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и јавно напиша дека пресудите за насилниците од 27 април се политички прогон. Таа не го осуди бегството на Груевски, не се дистанцираше од ниедна штетна политика на ВМРО-ДПМНЕ. Јас воопшто не ја бранам власта, јас ја бранам насоката и стратешките определби на оваа влада и тоа е многу различно од ова вие што го говорите. Апсолутно ги поддржувам започнатите процеси за влез во НАТО и ЕУ наспроти Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ кои лажно тврдат дека се против.
ФОКУС: Со Силјановска ги вкрстивте вашите знаења како професори по право на дебатите за Договорот од Преспа. Како ги доживувате нејзините напади?
ПЕНДАРОВСКИ: Таа воопшто немаше ниеден конкретен напад врз мене, а јас тие напади ги гледам само како гола изборна реторика на ВМРО-ДПМНЕ и ништо друго. Јас од неа исклучиво барав да биде чесна и да каже што планира конкретно да направи кога ќе биде претседател во однос на клучните политички одлуки. Но таа остана скриена на празната правна реторика без ниедно ветување. Знаете, ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска во оваа кампања само лажно играат на картата на патриотизмот сакајќи да се претстават како заштитници, а всушност не кажаа ни едно конкретно
ветување што ќе направат за да го укинат Договорот. Тоа е нечесно пред нивните гласачи и генерално пред целата јавноста, водат целосно лажна кампања. Јас верувам дека граѓаните ќе ја препознаат оваа игра и дека ќе гласаат за искрените политики за напредок и развој во ЕУ и НАТО.
ФОКУС: Рековте не сакате да ги видите поддржувачите ако не победите со голема разлика. Што ќе правите доколку изгубите?
ПЕНДАРОВСКИ: Воопшто не размислувам за пораз, јасно е дека ќе победиме прво во првиот, а потоа и во вториот круг. Ова ќе бидат кристално чисти, фер и демократски избори и во такви услови победата е повеќе од сигурна.
ФОКУС: Ќе пробатe ли по трет пат да се кандидирате?
ПЕНДАРОВСКИ: Ќе пробам да се кандидирам за втор мандат секако, доколку имам поддршка од граѓаните.
Разговорот го водеше: Маја Васева