Ќе барам одговорност, но откако ќе заврши истрагата за трагедијата со пожарот во модуларната ковид-болница во која загинаа 14 лица, изјави од Тетово претседателот Стево Пендаровски.
– Ќе барам и морална одговорност, но нека поминат неколку дена. Се уште е рано, не поминале ниту 24 часа од пожарот. Во овој момент не знам дали постои основ за таква одговорност. Она што го знам е дека во што побрз период да се излезе со истрага и извештај за да нема сомнеж дека некој нешто прикрива и не сака да истражи, рече шефот на државата.
Тој рече дека одлуката која ја донесе Владата да се повикаат странски експерти била негов предлог и додаде дека треба да дојдат во следните 48 часа.
– Не смееме да дозволиме истрагата да трае со месеци. Потребен е брз и темелен одговор без паузи во истрагата. Државата барем сега не смее да падне на овој испит, вчера славевме 30 години независност, треба да покажеме дека ја заслужуваме таа државност со сите нишани, истакна тој.