Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Ламберто Заниер со кого разговараше за ангажманот и поддршката на ОБСЕ за унапредување на меѓуетничките односи во Република Северна Македонија, во контекст на евроатлантските интеграции.
Како што соопштија Кабинетот на претседателот, Пендаровски истакнал дека Република Северна Македонија е успешен и позитивен пример во регионот со својот пристап кон градење на односи на толеранција и соработка меѓу различните етнички заедници.
-Претседателот Пендаровски, заблагодарувајќи се на комесарот Заниер за ангажманот и поддршката која ОБСЕ ја дава во унапредување на односите меѓу етничките заедници, нагласи дека во Северна Македонија високо се цени поддршката што организацијата ја дава во повеќе области од интерес на напредокот на државата, особено во областа на владеење на правото, се наведува во соопштението.
Соговорниците, се посочува, размениле мислења за долгогодишната соработка со ОБСЕ и нивната поддршка на реформите на Република Северна Македонија, како и за севкупните состојби во државата.