Пендаровски и Силјановска Давкова со различни ставови за употребата на името и преговорите за членство во ЕУ

by Fokus

Претседателските кандидати остануваат на своите различни ставови околу прашањето за уставните измени, како и тоа дали преговорите за членство во ЕУ се почнати или не – покажа дебатата на Телевизија Телма.

Актуелниот претседател, Стево Пендаровски, инсистира дека тие се почнати.

– Прво, преговорите се почнати и првата конференција е одржана. Јас лично не велам како што вели госпоѓата дека ја прифаќаме рамката ама не прифаќаме промена на Уставот. Зошто?! Затоа што едно без друго не оди. Највисокиот политички орган во Европската унија, Советот на ЕУ, кој се собира четирипати годишно на ниво на шефови на држави и влади вели дека ова е политичкиот предуслов – промената на Устав, а рамката е понатаму по што вие ќе одите конкретно кластер по кластер. Значи не може да стои тезата – ние не сме против европската преговарачка рамка ама сме против промената на Уставот, рече Пендаровски.

Силјановска Давкова ги критикуваше Пендаровски и Владата дека ветиле нешто што не било ниту во нивна надлежност за исполнување.

– Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот ако Уставот може да го сменат само пратениците во Собранието?! Како знаете дека вие однапред можете да ветите нешто што не е во ваша надлежност. Понатаму, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати дека со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ. Северна нема, ќе употребувам македонија и никогаш нема да создадам конфузија, бидејќи нема да треба да правам дистинкција меѓу република јужна македонија. таква нема, рече Силјановска Давкова

Таа порача дека тоа прашање за неа никогаш нема да биде затворено, но Пендаровски предупреди дека тоа ќе доведе до исфрлање на Македонија од НАТО.

– Вие кога сте претседател, вие имате право на личен став, да кажувате „вечна Македонија“, „Македонија засекогаш“, каква сакате Македонија кога ќе бидете во приватно својство, во семејството. Невозможно е да бидете вие на говорница во ООН, да бидете во НАТО, бидејќи сме членка таму, да одите во ЕУ, бидејќи сме кандидат кој преговара, да бидете во Совет на Европа, било каде, значи вие како експерт можете што сакате вербално да кажете. Не можете, нема да ви дозволат, Грција ќе прати прво нота, било кој друг некој ќе прати нота. Тоа значи блокада и таму и исфрлање од НАТО како организација, каде што одвај влеговме и кој ни е многу значаен. Впрочем, и противкандидатката тоа го пишува во нејзината програма – рече Пендаровски.

Во дебатата двајцата претседателски кандидати се осврнаа и на помилувањата, кои претседателот има право да ги даде.

– Оние што применија насилство се на слобода. Има таму луѓе кои не сакаа амнестија и сакаа да докажат правда. Има луѓе кои водат постапки пред Судот во Стразбур. Секој е различен. Значи, квалификацијата на кривичното дело е катастрофална. Јас имам право да помилувам и врз основа на анализата, не само на правото и на правдата, ќе посегнам по тој механизам – рече Силјановска Давкова.

На ова Пендаровски ѝ забележа дека таа сака да ги амнестира сите за 27 април.

– Значи не можам да сфатам. Ова сега практично е модификација на нејзината претходна теза дека ќе ги амнестира сите. Разбирам ако некој не е виновен или треба да добие помала казна па и да му ублажите. Ама таа вели дека сите за 27 април ќе ги амнестираме. Како може да амнестирате за таков чин?! Прво извинување, а потоа широка општествена дебата за евентуална амнестија – рече Пендаровски.

Поврзани новости