Пендаровски: И по 20 години, ставовите за Охридскиот договор најчесто се поврзани со етничката припадност

by Fokus

Три документи се издвојуваат по своето значење за стабилноста и иднината на земјата: првиот устав од 17 ноември 1991-та кој комисијата на Бадинтер го дефинира како точка на наша формална дисолуција од поранешна Југославија, потоа, Охридскиот договор од 2001-та и Преспанскиот договор од 2018-та, кој ни овозможува влез во меѓународните организации со дефинирани идентитетски маркери и за државата и за македонскиот народ, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Конференција “После Охрид” по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.

-За Охридскиот договор коментарите надвор од земјата беа позитивни, речиси, без исклучок, меѓутоа, внатре во земјата, тие не можат да бидат поразлични, не само меѓу политичките субјекти. За жал, ставовите за договорот, и по 20 години, најчесто се поврзани со етничката припадност на граѓаните или политичарите. Сепак, и во тие рамки, постои и една позитивна тенденција, имено, во првите неколку години по потпишувањето, мнозинство етнички Македонци го ставаа договорот во групата на најголемите безбедносни закани за државата. Нивниот став произлегуваше од стравот дека имплементацијата на Рамковниот договор ќе го трасира патот за брза дезинтеграција на земјата затоа што Македонија за Албанците, наводно, е само транзиторен ентитет. Меѓутоа, она што се случуваше во годините потоа, покажа дека иако потенцијалот на договорот за засилување на кохезијата на општеството во целина, не е голем, факт е дека со секоја фаза од неговата имплементација не се зголемуваа, туку, напротив, се намалуваа внатрешните конфронтации по етнички линии, рече Пендаровски кој беше близок соработник на двајца од потписниците на договорот.

Тој додаде дека дури и повеќе, политички и безбедносни тензии, од време на време се јавуваа поради контрадикторните интерпретации на неговите клучни одредби, а, не заради имплементацијата на договорот. Денес, вели тој, во сите анкети, Рамковниот договор или не фигурира како безбедносна закана или се наоѓа сосема долу на листата на негативни безбедносни индикатори.

-Во изминативе 20 години во мојот став за договорот немаше промени: имено, и тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. При тоа, успехот во имплементацијата на договорот, кој е неспорен, не се должи на неговата беспрекорна нормативна структура или на уникатните политички решенија, затоа што неговите клучни одредници, со мали модификации, ги има во сите такви, слични документи со кои завршуваа конфликтите, не само во нашиот регион, на пример, во Договорот за мир во Северна Ирска од 1998-та. Решавачко беше тоа што оние кои го потпишаа немаа намера да ја фингираат неговата реализација и едно да зборуваат пред странците, а друго да прават пред својот домашен електорат. Се разбира, критичен предуслов беше синхронизацијата на европскиот и атлантскиот дел на западната алијанса што се случи навреме за разлика од балканските конфликти во 1990-тите, подвлече шефот на државата.

Конференцијата која е централен настан за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор организиран во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк, пригодно ја отвори првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, а обраќања ќе имаат и премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ДУИ Али Ахмети. Поканети се над 200 гости, меѓу кои и потпретседателот на Европската Комисија и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, Хавиер Солана и Џорџ Робертсон, амбасадори на ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ, како и други претставници од меѓународната заедница.

Поврзани новости