Претседателот Стево Пендаровски за денеска ја свика втората седница за Советот за безбедност, на која ќе бидат разгледани тековните прашања поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката, додека вториот дел ќе биде посветен на проблемот со аерозагадувањето.
„На дебатата, покрај членовите на советот, ќе учествуваат и тројца претставници на Здружените граѓански иницијативи и организации, кои во изминатиот период одржаа средба со претседателот Пендаровски во однос на заштитата на животната средина, а преку писмо дадоа предлози и иницијативи за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Покрај членовите на советот, ќе присуствуваат и Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу, директор на Агенција за разузнавање, Зоран Ангеловски, директор на ОТА, Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот, Насер Нуредини, министер за животна средина, Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и Фејзула Спахија, директор на Државниот инспекторат за животна средина.