Актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски денеска од Радовиш кажа пофални зборови за Венко Филипче, ексминистерот за здравство и носителот на Изборната единица 4, како и за неговата работа, посочувајќи дека „поради неговите интервенции и дадени дијагнози се спасени многу човечки животи“.
Пендаровски рече дека Филипче и за време на ковид пандемијата, но претходно бил достапен секому, но и дека знаел во 3 по полноќ да се јави и да даде здравствен совет.
„Ќе ми дозволите да кажам два-три збора за д-р Филипче, кој изминатиот период покажа дека и кога не беше на функција се наоѓа секому и беше достапен24/7. Јас и мојата сопруга, но и моите соработници секогаш сме го барале. Во 3 по полноќ знаел да се јави и да дојде. За него немаше работно време. И не само во корона периодот, туку и пред 2019 година. И денес да го побарате ќе го најдете. Многу човечки животи се спасени заради неговите интервенции, дијагнози и неговите операции. Просто кажано станува збор за човек за кој ти е мерак да гласаш“, рече Пендаровски.
Како што посочи, немал намера да троши зборови за противкандидатот на Филипче во Изборната единица 4, мислејќи на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, но сепак, рече дека тој целиот живот го поминал на државни или на партиски јасли.
„Нема еден ден работен стаж надвор од тоа. Партијата му давала работа, партијата му давала плата. Ако не е партијата не може да заработи за леб. Тој е сосема различен од нашиот Венко Филипче кој сега да посака може да биде хирург секаде во светот, а за еден месец да заработи повеќе од годишна плата и на пратеник и на министер и на претседател“, вели Пендаровски.