Иако лично нема да присуствува, претседателот на Македонија, Стево Пендаровски ќе испрати свој претставник на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, потврдуваат од Кабинетот на претседателот за „Фокус“.
Во недела на отворањето ќе оди генералниот секретар на Кабинетот на претседателот, Миле Бошњаковски.
-Претседателот Пендаровски, вчера доби покана за отворањето на Македонскиот културен клуб – „Никола Вапцаров“ во Благоевград на 30 октомври 2022 година (недела).
Со оглед на претходно преземените обврски, претседателот не е во можност лично да биде присутен во Благоевград, но, во негово име ќе присуствува генералниот секретар на Кабинетот на претседателот Миле Бошњаковски, велат од Кабинетот за „Фокус“.
За разлика од Пендаровски кој со овој потег дава поддршка на клубот, Владата преку министерот Бујар Османи го проблематизира отворањето на македонскиот клуб и ја доведува во прашање целта и финансиерите на „Никола Вапцаров“.
Катерина Смилева Божиновска